Езерото Младост конечно доби стопан

Велешкото езеро Младост е дадено на управување и користење на ЈП „Лисиче“ од Велес. Со оваа владина одлука се става крај и на децениското бесправно искористување на водениот потенцијал кога езерото беше без газда. Добивањето стопан на езерото Младост, ќе значи многу и за економскиот развој на околината, оти ќе има кој да се грижи за него, а корист ќе имаат и сопствениците на земјоделските парцели бидејќи ќе добијат систем за наводнување.

– Оваа одлука ја чекавме две години и тоа значи крај на дивото користење на водата од езерото, кое се случуваше во изминатите години. Ние како јавно претпријатие имаме стручни лица кои ќе се грижат пред с` за браната, која од како е изградено езерото во 1963, не е преземено ништо на неа. Ќе биде заштитена и флората и фауната во водата, со кое езерото е богато. Но, ќе ги контролираме и евентуалните загадувачи кои фрлаат недозволени средства во водата. Конечно, ќе може да се заврши системот за полевање со кој ќе бидат опфатени 1.200 хектари земјоделски површини од оваа страна на реката Вардар, откако ќе го поврземе со езерото Лисиче – изјави Ацо Петров, директор на ЈП „Лисиче“.

За таа цел ќе треба да се доградат уште 6 километри од цевководот кој треба да ги спојува езерата Лисиче и Младост. Со него комплетно ќе се замени водата од Младост, со нова, поквалитетна, а тоа ќе отвори можност за наводнување на дополнителни 1,2 илјада хектари.

Досега од водата од езерото Младост се наводнуваа 800 хектари лозови и овошни насади. Но, нивните сопственици десетина години тоа го правеа без ништо да платат на државата. Ова се случи откако претходниот концесионер АК „Лозар“ од Велес, кој управуваше со езерото – пропадна. Сите овие години, од почетокот на август до крајот на септември, езерото почнуваше да се празни бидејќи водата се црпеше без да се контролира, па паѓаше и под биолошкиот минимум.

Добивањето стопан на езерото наиде на позитивни реакции и од велешките рибари и од екологистите.

Се стави крај на состојбата кога езерото беше како село без кучиња. Секој земаше што му треба, а ништо не се плаќаше. Колку лета нивото на водата беше толку ниско што беше критично за рибата со која е богато езерото. Сега ќе има и кој да го порибува, оти со години тоа се нема случено, бидејќи немаше кој да управува со него – велат велешките рибари.

Нивниот став го делат и екологистите кои очекуваат дека ќе биде запрено загадувањето од некои од угостителските крајбрежни објекти, кои дел од сметот го фрлаа во водите на Младост.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *