Историја

Од изворите и водите на реката Тополка, долги години со вода за пиење се снабдува градот Велес. На оваа река е изградена браната и со Лисиче, висока 66 метри, широка околу 2.400 метри и долга 2.000 метри, преку чија акумулација со вода за пиење се снабдува градот Велес. Во селата вдолж средното течение на реката Тополка, како што се ЛисичеГолозинциРаковец и други, поради поволните услови на теренот е развиено и застапено одгледувањето на ориз во бројни оризишта од двете страни на реката, со што овој дел на Велешко по течението на Тополка е втор по големина производствен регион на ориз во Македонија, после Кочанската Котлина. Во долното течение на реката Тополка во клисурестиот предел во непосредната близина на градот Велес, од населбата Превалец се до вливот во Вардар, во минатото работеле поголем број на воденици во кои се мелело жито, од кои денес постојат и повремено работат само неколку.

По 16 годишните активности за изградба на браната, акумулацијата започнала да се полни во јуни 2007 година. Полненењето се одвивало во согласност со техничките стандарди и се одвивало етапно, во квартали.

Акумулацијата опфаќа вкупно 25.000.000 м³ вода што се користи за водоснабдување, наводнување, за потребите на индустријата како и за ревитализација на езерото „Младост“. Вкупната инвестиција изнесува 61.245.000 евра. 10% од средствата ги обезбедија велешани преку самопридонес, а останатите се обезбедени од Буџетот на државата и преку кредити.

Со дополнување на Одлуката за основање на Јавното претпријатие Лисиче-Велес од Владата на РМ, бр.51-3700/1 од 26/07/2011 година, на Јавното претпријатие за водостопанство Лисиче-Велес, му припаѓаат и Акумулацијата Младост и Брана Отовица на акумулацијата Младост и Главен цевковод со делнични цевководи.

 

 

Браната на езерото Младост е изградена во 1962 година во почетокот на клисурниот дел на коритото на река Отовица, на неколку стотина метри пред таа да се влее во река Вардар.

Зафатнината на акумулациојата Младост е 8.000.000 м3 вода и нејзината основна намена е да служи за наводнување на околу 1.200 хектари лозови и овошни насади. Близината до Велес од само неколку километри ја прави акумулацијата Младост интересна и од спортско рекреативен аспект.

За да функционира темелното празнење на акумулацијата, од страна на ЈПВ „Лисиче” беше обезбедена комплетна техничка документација за Општи и посебни технички услови за санација на затворачите за темелно празнење на акумулацијата Езеро Младост. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија обезбеди средства во висина од 3.100.000 денари за санација на старите затворачи како и за вградување на два нови. Со оваа промена акумулацијата е сигурен извор на вода за 250 хектари лозови насади и безбедно место за рекреација на бројните гости на овој туристички локалитет.